Соопштенија

Медиуми

Трошоците за едно дете растат секоја година – родителите плаќаат до 200 илјади денари

декември 2, 2025

Извор: Инфомакс

Да се расте дете во Македонија ги чини родителите од 150 до 200 илјади денари годишно, што значи околу 12–16 илјади денари месечно.

Ова се трошоци за елементарен живот, велат од „Центарот за еднаквост и правда“, кои анкетирале 650 родители со деца на различна возраст.

„Она што го заклучивме кај нас го потврдуваат и истражувањата на други држави, а според нашето истражување – трошоците за најмалите и за најголемите групи на деца се најсериозни. Значи, семејствата што имаат бебиња и тинејџери имаат потреба од најмногу финансиски ресурси за квалитетен живот и пристап до образование и други детски услуги.“, вели Катерина Шапкова Коцевска.

Иако се тврди дека детското образование е бесплатно, родителите имаат значајни дополнителни трошоци, велат од центарот што го спроведе истражувањето.

„Анализата исто така покажа дека за услугите за кои државата тврди дека се бесплатни – како на пример школувањето – има многу скриени трошоци како плаќање униформи, плаќање книги, хигиенски материјали за градинки, па така родителите се соочуваат со многу дополнителни трошоци иако државата им вели дека се бесплатни.“, вели Неда Чалловска Димовска.

Родителите кои учествувале во истражувањето велат дека поддршката што ја дава државата не е доволна за одгледување деца, а кога има две или повеќе деца, се зголемува стапката на сиромаштија за семејството. Поради ова, „Центарот за еднаквост и правда“ бара државата сериозно да се ангажира во демографските политики и да ги ревидира програмите за поддршка на семејствата.

Scroll to Top